Систем за интероперабилност

ПРЕДИЗВИК

Да се утврди стандардизиран и унифициран начин за пренос на информации помеѓу институциите.

РЕШЕНИЕ

Модернизирана платформа за

интероперабилност овозможува електронска размена на податоци помеѓу 19 институции со можност за идно неограничено проширување со нови институции.

РЕЗУЛТАТ

Со системот за интероперабилност е поставена основа за брз развој на напредни услуги спрема граѓаните и бизнис заедницата.

Брзата и доверлива размена на информации помеѓу државните органи е појдовната точка за ефикасно извршување на нивните задачи и надлежности. Трендот на развој на информатичките технологии создаде услови за поврзување и комуникација помеѓу бизнис системите на државните институции.

Системот за интероперабилност овозможува безбедна размена на информации помеѓу државните институции преку утврдени стандарди и протоколи на машинско ниво.

Со модернизацијата на системот за интероперабилност, државните органи можат ефикасно, безбедно и доверливо да разменуваат информации помеѓу своите бизнис системи, без разлика на различните технологии во кои се изработени нивните бизнис системи. Модернизацијата на системот за интероперабилност е базирана на најдобрите европски практики и се темели на европските стандарди за интероперабилност.

Системот за интероперабилност претставува високо софистицирана платформа која нуди можност за вклучување на неограничен број на нови институции и нови веб сервиси во согласност со потребите на институциите.

Размената на податоци помеѓу институциите е базирана на законската регулатива, при што институциите, преку комуникацискиот клиент, можат да регистрираат свои веб сервиси и да пристапат до веб сервисите кои ги регистрирале и ги нудат другите институции, со цел да добијат соодветни информации за сопствени потреби.

Во рамките на проектот, во моментот, платформата за интероперабилност ја користат 19 институции, кои разменуваат податоци преку 27 веб сервиси.

Основни придобивки:

  • високи перформанси на системот – централниот сервер комплетно ги процесира пораките во просек за 3-5 секунди по порака
  • безбедна и доверлива размена на податоците
  • висока достапност на системот од 99,7%
  • автоматски надзор и известување за состојбата на системот

Со проектот е опфатено:

  • дефинирање и испорака на протокол и стандарди за размена на податоци и документи во електронска форма, наречен МИМ протокол
  • проектирање и дизајн на соодветна архитектура за обезбедување на висока достапност на системот
  • адаптација на постоечки 5 институции на модернизираното решение и проширување на системот со 14 нови институции
  • адаптација на постоечки 7 веб сервиси на модернизираното решение и развој и имплементација на 20 нови веб сервиси
  • испорака, инсталација и конфигурација на ИКТ опрема во новите институции и консолидација на постоечката опрема
  • инсталација и конфигурација на редундантни комуникациски линкови помеѓу секој комуникациски клиент и централната локација
  • имплементација на високо безбедносен механизам за безбедност и доверливост при размената на податоци помеѓу институциите

Секоја институција располага со свој сервер, наречен комуникациски клиент, преку кој пристапува до централната компонента на системот, наречен централен сервер.

Комуникацискиот клиент врши дигитално потпишување на секоја испратена и добиена порака преку системот. Системот за интероперабилност води детална ревизорска трага за сите трансакции, верифицирана со временски печат во секоја комуникациска точка.

За институциите кои што немаат можност да ги интегрираат сервисите во својот систем, обезбеден е веб портал, преку кој овие институции се најавуваат во системот за интероперабилност и можат да ги користат достапните веб сервиси.

Технологија

Хардверската платформа на системот се базира на редундантна серверска околина, уред за складирање на податоци и соодветни мрежни уреди, виртуелизирани и поставени во Hyper-V Failover Cluster. Платформата на централниот систем се темели на Microsoft BizTalk и Microsoft SQLтехнологии. Апликативниот развој е во .Net технологија.

Проектот за модернизација, проширување и адаптирање на системот за интероперабилност го иницираше Владата на Република Македонија. Министерството за информатичко општество и администрација беше носител на проектот, а КИНГ ИЦТ го реализираше проектот.