fbpx

Се одржа 3-тото издание на конференцијата Change

На третото и досега најголемото издание на конференцијата Change, повторно се собраа повеќе од 400 ИТ експерти, кои го споделија меѓусебно своето знаење и искуство во текот на целодневната програма.

Во својот воведен говор, претседателот на КИНГ ИЦТ, Пламенко Баришиќ, ја потврди промената на Change од локална во регионална конференција: „Change се трансформираше во ИТ-конференција која ги собира светските експерти и регионалната ИТ-заедница, еден вид на хаб на знаење достапен за секој член на заедницата и пошироко“.

Лајтмотивот „хаб на знаење“ е видлив во секој аспект на годинешната конференција. Како и во минатогодишните изданија, на конференцијата беа поставени клучните прашања кои се однесуваат на развојот на enterprise софтверот, дизајнот, работењето, предизвиците кои создаваат токсична работна средина, како и што ни носат новите европски политики за заштита на авторските права.

Меѓучовечките односи се клучен аспект на секоја организација. Оваа мантра во своето предавање ја потврди експертот Хуан Кастиљо (Impraise), кој своето повеќегодишно искуство го претвори во интересно предавање за тоа колку е важно почитувањето: „Не осудувајте и запомнете, добри сме колку се добри луѓето околу нас“заклучи Хуан на крајот од своето предавање, со кое ја отвори Change.

„За да ги разбереме другите, прво треба да се разбереме себеси”, укажа Мериен Вортингтон (Work Warrior), која во динамичното 45-минутно предавање ја истакна важноста на стравот кој нè спречува да ги реазлириаме нашите желби, идеи и потреби. „Посегнете во оној агол од вашиот ум што ви создава приказна која ве спречува да ги реализирате вашите идеи. Научете со помош на другите како да ги решите личните пречки и да го претворите стравот во нешто позитивно.“ ни порача Мериен.

Традиционално, развојниот аспект на конференцијата беше истовремено и најбогат, а ова беше потврдено со имиња како што се Дип К Сасидхаран (Xebia Labs), кој демонстрираше во живо како се работи со JHipser, Виктор Фарчиќ (Cloudbees) преку практично демо како да се реализира континуиран развој на Kubernetes, Иван Брозовиќ (Bornfight), Муриела Камганга (AG04), кои ја демонстрираа можноста да опстојуваат податоците од мобилните уреди на Realm, Марк Лохерт (Ekobit) со демонстрација на Q# јазичните вештини за квантни компјутери и многу други. Со 29 предавачи, за првпат, Change воведе и работилници, кои ги одржаа Далибор Марготиќ (KING ICT) и Андреј Млинаревиќ (Prototype).
Овогодинешната Change исто така го покрена прашањето за регулирање и заштита на авторските права во Европската унија. Леина Мештровиќ, основачот на здружението Дигитална демократија, предупреди за алармантната реформа на заштитата на авторски права во рамки на Европската унија, која, меѓу другото, може да доведе до забрана на популарни мемиња кои нѐ засмејуваат со години. „Реформата на авторските права не е единствениот проблем, пред нас е главната битка за неутралноста на интернетот што веќе се случува во САД и треба да бидеме подготвени“.

Конференцијата беше затворена од страна на познатиот тестер Мајкл Болтон, кој на живописен начин и со голем интерес на публиката пред преполн аудиториум покажа зошто тестирањето во развојниот циклус е исклучително важно. „Тестирањето е истражување, експериментирање, откривање, истражување, учење и известување. Не слушајте го оној кој ќе ви каже поинаку.“ порача Болтон кој во рамките на Change ќе одржи тридневна работилница „Rapid Software Testing“ во Загребскиот иновативен центар.